Миркуловски: Сакам среќен крај на кариерата - со пласман на СП 2023

Македонската ракометна репрезентација се подготвува за реваншот со Чешка во Скопје во рамки на баражот за пласман на Светското првенство во 2023 година. 

За Филип Миркуловски тоа ќе биде последен натпревар во кариерата во дресот со националниот грб. Средниот бек потоа ќе се фокусира на тренерската работа и ќе се пресели на клупата заедно со неговиот колега Кирил Лазаров. Сака неговата репрезентативна кариера да има среќен крај. 

„Ова е мојот последен натпревар во репрезентацијата, ќе има доста емоции, но ние сме професионалци. Ќе се обидеме да завршиме со ‘хепи енд’, да победиме во недела и да се пласираме на Светското првенство“, вели Миркуловски.

Македонија има 24-24 по првата пресметка во Злин, но нашиот репрезентативец знае дека нема да биде лесно ниту пред полната арена „Борис Трајковски“ во недела. 

„Мислам дека за овој втор натпревар ќе бидеме подобро подготвени, бидејќи немавме гледано натпревари на противникот со новиот селектор Сабате, па сега ќе знаеме што точно нè очекува. Одигравме еден сосема добар натпревар во Чешка. Испуштивме 6-7 голови предност, тоа не смееше да ни се случи, но противникот покажа карактер. Знаеме дека се работи за квалитетна репрезентација, знаеме што нè очекува тука во недела и со помош на 7.000 навивачи да обезбедиме пласман на Светско првенство“.

Нашите ракометари не беа среќни по завршувањето на првиот дуел во Чешка, најмногу поради пропуштената шанса за триумф, но Миркуловски вели дека сега е доволна и минимална победа за место на Мундијалот. 

„По натпреварот во Злин секако дека постоеше чувство на разочараност, требаше да го добиеме, но сепак мораме и што побрзо да го заборавиме тоа и во недела да одиграме еден сосема нов натпревар. Потребна ни е само победа, што пред два месеци и ќе го прифатевме. Сепак Чешка е квалитетна репрезентација, сигурно е дека нè очекува квалитетна борба. Како што покажаа на првиот натпревар, ќе се борат до последно. Треба да одиграме уште еден добар натпревар со многу концентрација и да го добиеме во одбраната. Не би требало да има многу изненадувања во однос на претходниот натпревар, бидејќи ќе поминат само неколку денови за подготовка. Ќе биде доста сличен натпревар со цврсти одбрани“, заклучи Миркуловски.