Лазаров по осум години абдицира од тронот, Сагосен е новиот „крал на головите“!

Најдобриот македонски ракометар на сите времиња, Кирил Лазаров, повеќе не е најдобар стрелец на Европските првенства, откако Норвежанецот Сандер Сагосен од денеска е новиот „крал“ на голгетерите.

Бекот на Скандинавците набрзо по стартот на мечот за третото место против Словенија го постигна погодокот кој му недостасуваше да го мине нашиот бомбардер, откако во вчерашното полуфинале против Хрватска постигна десет голови за да дојде до бројката 61, која осум години стоеше зад името на „Бум-Бум Кире“. Лазаров рекордот го постави на историскиот, за нас, континентален собир во 2012 во Србија, на кое Македонија го освои петтото место.

За утеха останува фактот што Сагосен до рекордот дојде со осум одиграни натпревари, еден повеќе во однос на нашиот капитен, кој постигна 61 погодок во седум меча.