Георгиевски: Ќе ни одговара натпревар со многу голови!

Македонските ракометари се наоѓаат во Злин, градот во југозападна Чешка, кој веќе двапати го посетувале во бараж или квалификациски натпревари. Во 2016 загубивме со 22-28, а во 2014 одигравме 27-27, резултат кој со денешни очи, во овој плеј-оф за СП 2023 би ни дошол одлично.

Сепак, идејата за вечерва (20.15 часот) не е да се игра на некаков резултат или нешто да се калкулира, туку да се пружи најдоброто можно издание за да си овозможиме, што полесен реванш во Скопје за четири дена. А нашето најдобро издание е различно од тоа што било во минатите квалификациски циклуси, бидејќи новиот селектор, Кире Лазаров воведе пожива, поактивна и побрза игра, која изгледа дека им одговара на младите ракометари, а во иднина треба и уште повеќе да „им легне“.

Со тоа се согласува и еден од поискусните, 35-годишниот Гоце Георгиевски, кој вели дека на Македонија ќе ѝ одговара натпревар со многу голови.

„Ова е познато место, познат противник. Знаеме дека ќе биде тежок меч, имавме неколку дена да се подготвиме за нив со видео анализи и тренинзи. Можам да кажам дека се работи за квалитетна репрезентација. Одиграа добро првенство во јануари на кое беа во група со финалистите Шведска и Шпанија. Ние ќе гледаме да го одиграме тоа што го договараме на тренинзите. Мислам дека ако бидеме дисциплинирани, особено во одбраната ќе имаме поголеми шанси за пласман. Можеби повеќе голови би ни одговарале за побрза игра. Градиме таква игра, со таков ритам. Дадовме на ЕП доста лесни голови, иако не ни е усовршен тој стил, но, мислам дека таква игра би ни одговарала на овој натпревар“, изјави Георгиевски.

Чешка заврши на 13. место на јануарското ЕП, меѓутоа одигра реми со шампионот Шведска (27-27), загуби со 26-28 од финалистот Шпанија, а Босна и Херцеговина ја надигра со 27-19.