Фасцинантно: Кога требало да решава во Скопје, Македонија нема кикс 15 години!

„Љубовната врска“ меѓу македонските навивачи и ракометните репрезентативци многу пати покажала дека е комбинација која урива планини и ако кликне како што треба нема противник кој може да ѝ застане на патот. Уште еден таков магичен момент е потребен вечерва, од 19 часот во „Борис Трајковски“, кога ни гостува Чешка во реванш баражот за СП 2023, откако во првиот дуел одигравме 24-24.

Кога ја има на помош својата публика, македонската ракометна репрезентација речиси не знае да погреши. Тоа го покажа уште Европското првенство во Србија, кога игравме како да сме на домашен терен и уште многу пригоди потоа. За разлика од првенствата, врз кои се блеснати сите рефлектори на континенталната ракометна јавност, малко незабележано поминува дека Македонија игра фантастично пред своите навивачи и во квалификации и баражи и тоа токму кога е најпотребно.

Само едно мало враќање наназад ќе ни покаже дека нашите репрезентативци немаат кикс кога ќе дојде натпревар „да се биде или не“ во Скопје, како овој денешниов со Чешка. Самите Чеси трипати го почувствуваа тоа на своја кожа, последно во квалификациите за ЕП 2018, кога во последниот меч во групата ги совладавме со 33-20 за да го освоиме првото место во групата (во спротивно ќе бевме трети).

Една година пред тоа, во баражот за СП 2017, во Скопје ги добивме со 34-27, откако во истиот Злин загубивме со 22-28, а за ЕП 2016 ги елиминиравме исто така во последниот меч (32-28) во групата во која прво место освои Франција. И не е само Чешка. Задолжителна победа ни беше потребна за пласман на ЕП 2014 во последниот меч од циклусот, дома со Португалија и тој го добивме со 26-19, со тазе назначен Ивица Обрван.

Имало и други натпревари кои сме ги добивале дома во финишот од некој циклус, но не решавале како овие погоре или како вечерашниот. Последен пат кога Македонија била ставена во „живот или смрт“ ситуација, со реванш на домашен терен, а не успеала да испорача успех е во далечната 2007 година. За пласман на ЕП 2008 игравме бараж со Словенија и откако во Марибор бевме надиграни со 32-28, дома не успеавме да се вратиме, па загубивме уште еднаш, со 32-33.

Меѓутоа, тоа е некое далечно време, а ова се нови генерации, предводени од Кире Лазаров, кој во својата ментална база ги има сите тие искуства и беспрекорно ги практикува на дело, за да не ја повториме грешката. Вечерва е потребно многу малку за да нанижеме уште едно позитивно искуство, „само“ да победиме. Се разбира, ќе ни заврши работа и нерешено, но со резултат понизок од 24-24.