Брестовац: Ковид ни го крои списокот на репрезентацијата!

Селекторот на машката ракометна репрезентација, Данило Брестовац, одреди на кои 19 ќе смета за првите два квалификациски меча, од циклусот за ЕВРО 2022. Меѓутоа, списокот е малку неочекуван, затоа што отсуствуваат имиња како Борко Ристовски и Гоце Георгиевски.

Брестовац вели дека во составувањето на списокот морал да земе предвид сè што се случува во последниов период врзано со коронавирусот. Некои од репрезентативците се во изолација, можно е да има потреба нови да бидат изолирани и затоа цело време на располагање ќе го има широкиот список од 35 играчи.

„Според мене тоа е списокот, е сега се појавуваат и ќе се појавуваат ситуации кои ќе ги решаваме попатно. Ковидот секако дека има влијание во изборот. Полесно ми е тие играчи што се во Скопје да ги имам за резерви, во случај ако треба да се замени некој, да влезат тие. На пример, полесно ми е да упадне Георгиевски како замена, којшто е тука, отколку после да го чекам Поповски да дојде од Швајцарија. Горе-долу сè земено предвид, сега тоа е списокот и нема жалење. Што ќе излезе понатаму, ќе решаваме“, вели Брестовац.

Нејасно е дали ракометарите од Вардар кои се повикани ќе смеат да играат, а такви се четворица: Талески, Стоилов, Мишевски и Кизиќ.

„Јас списокот го доставив до федерација пред 3-4 дена земајќи ги предвид сите овие работи. Навистина не знам кој ќе игра. Кој ќе биде негативен на тестови од понеделник натаму, ќе игра, кој не ќе мора да реагираме бргу и да го менуваме“, додава селекторот.

Македонија игра во квалификациската група со Данска, Финска и со Швајцарија, а натпреварите ги почнува со Финците на четврти ноември. Три дена подоцна гостуваме во Швајцарија. За пласман на ЕП потребно е да се освои првото или второто место или, пак, да бидеме една од четирите подобропласирани трети места, во конкуренција на сите осум групи.