Вардар прими 20 гола во едно полувреме и повторно победи!

Вардар ja заврши сезоната во СЕХА-лигата со победа, со рутинско гостување во Букурешт, кај дебитантот Стеауа.

Во комбиниран состав, Роберто Парондо и неговите ракометари стигнаа до триумф над Стеауа со 34-30. Конечниот резултат не открива колку Вардар доминираше и колку рано стави до знаење дека на овој натпревар нема место за изненадување.

Водството кое вардарци бргу го создадоа, во 13. минута изнесуваше 9-5 и оттука тргна првиот замав кон победата. Стеауа не постигна гол девет минути, Вардар направи серија од 6-0 за тоа време и водството го однесе на двоцифрена разлика.

До паузата предноста дојде и до највисоки плус единаесет, 21-10, но потоа во вториот дел се случи сосема спротивна слика. И онака ослабениот состав Парондо го искомбинира со помладите Оцвирј, Војводиќ, Кизиќ, Мишевски, Атановски, Димов, па позитивата се стопи. Стеауа одигра поорганизирано во нападот, па успеа да му даде 20 гола на Вардар, за пристоен пораз од четири разлика.

Мартин Поповски со 10 гола и Дмитри Кисељев со девет беа најдобри стрелци, додека Дејан Милосављев запиша седум одбрани. Со 33 бода Вардар, засега е прв на табелата, но големи се шансите дека ќе биде стигнат и потиснат од Загреб, кој ако ја победи Војводина ќе има ист број бодови и, веројатно, подобра гол-разлика од црвено-црните.