„Секоја чест за Вардар, но најзаслужен за ракометниот бум во Македонија е – Металург!“

Некогашниот капитен на репрезентацијата на Црна Гора, Младен Ракчевиќ, е одлично познато име во македонскиот ракомет, откако мина дури седум години во Скопје настапувајќи за екипите на Вардар (2005-2009) и на Металург (2010-2013), поради што за малку и не заигра во дресот на Македонија.

Во разговор за интернет-порталот „Балкан хендбол“, кој беше пренесен и во црногорските медиуми, сега веќе пензионираниот Ракчевиќ откри дека постоела сериозна можност тој да го облече жолто-црвениот дрес.

„На Михајло Михајловски, тогашниот прв човек на РФМ, му дадов збор дека со задоволство ќе го облечам дресот на Македонија ако мојата Црна Гора не стане самостојна држава. Не е тајна дека Скопје ми е најомилен град по Цетиње и дека го сакам македонскиот народ бидејќи таму ги минав најубавите денови од мојата кариера. Но, до тоа не дојде, а јас собрав многу убави спомени како црногорски репрезентативец“, изјави Ракчевиќ.

Помалку неочекувано, со оглед што во Македонија дојде преку Вардар, каде што мина и подолг период, во срцето на црногорскиот ракометар посебно место има за Металург.

„Успесите со Металург се круна на мојата кариера, бидејќи е неверојатно како еден мал клуб од предградието собираше по седум илјади навивачи со пласман меѓу осумте најдобри во Европа. Почитувам секој следен резултат, а на Вардар му 'симнувам капа“, но со оглед на тоа како функционираа работите во Металург и со кои средства, мислам дека сме најзаслужни за ракометниот бум кој потоа ја зафати Македонија. Тоа беше своевидна инјекција за македонскиот народ уште повеќе да го засака ракометот“, дополнува корпулентниот кружен напаѓач.

Црногорецот има свое мислење и за кризата која го зафати Вардар.

„Би бил огромен срам за Скопје, Македонија и за цел Балкан ако се дозволи Вардар да пропадне. Тоа е клуб кој ја изрекламира македонската држава, а факт е дека во нашите мали држави нема приватници кои само можат да го понесат сиот товар. Единствена вистинска приказна на подолги стази е кога зад клубовите застане државата“, искрен е Ракчевиќ.

Борбениот ракометар сега најголемиот дел од времето го минува во селото Смоковци, кое се наоѓа на 15 километри од Цетиње, а по завршувањето на играчката кариера се сврти кон бизнисот со виното.