Пелистер со стил го завери вториот фајнлфор во СЕХА – го прегази Татран во Прешов

Втора година по ред Пелистер обезбеди фајнлфор во регионалната СЕХА-лига, откако денеска во Прешов не само што ги одбрани осумте гола од првиот меч во Битола, туку го разнесе Татран и во неговиот дом со убедливата победа со 10 разлика (36-26).

Ужасната игра и брзоплетоста на Татран со 12 загубени топки од кои Пелистер ги искористи за контри преку Ненад Костески, на битолчани им ја олеснија задачата на овој реванш, зашто до половина од првиот дел, Пелистер веќе имаше плус осум (13-5), колку што набилдаа како предност дома во првиот меч.

На четири минути до полувремето разликата се искачи и на најголемите плус 12 (19-7), а на пауза битолчани заминаа со десет разлика (20-10) и веќе беше сѐ јасно за патникот на фајнлфорот. Во вториот дел, само рутински беше одработен мечот, за да се сочува и силата и свежината, па Татран бркаше колку да се избори за почесен пораз и најмногу што направи е да намали до осум негатива, за Пелистер три минути пред крајот повторно да ги достигне најголемите 12 предност (36-24), за на крај да заврши со разликата од полувремето.

Костески даде 11 гола од кои осум од контра, а Дарко Стевановиќ погоди седумпати. Марко Кизиќ собра девет интервенции. Кај Татран, Оливер Рабек даде 12 гола, а Вјачеслав Касаткин додаде седум.

Пелистер најверојатно во полуфиналето ќе игра со белградски Партизан, кој има огромни 15 гола предност пред Веспрем, кој на првиот меч играше со младинци, а реваншот е во среда од 18 часот во Унгарија.

Утре Вардар во Нови Сад (16.30 часот) брани 13 гола предност против Војводина за пласман на фајнлфорот, што би било прво учество на завршниот турнир за црвено-црните по две години пауза. Вардар со Веспрем се најтрофејни со по пет освоени круни во СЕХА-лигата.