Пелистер сака ем да ги заштеди силите, ем да одбрани +8 во Прешов

Пелистер може да стане првиот патник на фајнал-фор турнирот во ракометната СЕХА-лига, по денешниот реванш со Татран, во Прешов, кој ќе почне од 16 часот.

Битолчани завршија поголем дел од работата во првиот меч, кој го добија со 37-29, па сега треба само да ги одбранат овие осум разлика. Меѓутоа, ова нема да биде единствената цел на Александар Јовиќ и целиот стручен штаб, туку желбата е и да се сочуваат силите пред натпреварот со Алкалоид в четврток. За таа цел, тимот не отпатува комплетен за Словачка.

„Нè очекува тежок натпревар. Одлучивме да одмориме 3-4 наши ракометари, кои беа преоптоварени во овој дел на нашето првенство и во СЕХА-лигата. На овој натпревар ќе им дадеме поголема шанса и на помладите играчи и на оние кои имаа помала минутажа досега“, изјави Јовиќ.

Осумте разлика не гарантираат ништо во натпреварување, во кое екипите калкулираат со составот. Така беше во Битола, кога Татран допатува без Оливер Рабек и уште неколку стандардни ракометари, па затоа Марио Танкоски очекува обратна ситуација сега во Прешов.

„Осум разлика носиме во Прешов, но тоа не е ништо. Сигурно Татран ќе биде комплетен во вториот натпревар, во Битола беа преполовени без Рабек и Урбан. Ќе се обидеме да ги одбраниме тие осум разлика за да се пласираме на Ф4, кој сите го посакуваме. По натпреварот во Прешов ни следи дерби во Автокоманда против Алкалоид. Многу ни е важен тој натпревар, но нема да биде лесно. Мора добро да се спремиме, ако сакаме на седми март против Вардар 1961 во Битола да се бориме за титула“, вели Танкоски, кој и самиот беше поштеден и одседи на клупа на мечот во Битола.

Ако ги одбрани осумте разлика, Пелистер вторпат едноподруго ќе се пласира на Ф4-турнирот, а во полуфиналето ќе игра со подобриот од Партизан - Веспрем.