
Јокиќ сруши неколку црни рекорди, но Денвер е чекор поблиску до финале на Западот (ВИДЕО)
Иако натпреварот го одбележа едно од најслабите плејоф-изданија во кариерата на Никола Јокиќ, неговиот тим дојде до триумф благодарение на колективната игра и феноменалната партија на неколку клучни играчи – Арон Гордон, Џамал Мари, Мајкл Портер Џуниор и Пејтон Вотсон. Јокиќ натпреварот го заврши со 20 поени, 16 скокови и 6 асистенции, но со многу слаба реализација (8/25 од поле), осум загубени топки и сите десет промашени шутеви за тројка.
Најголемата предност на натпреварот ја имаше Оклахома во раната фаза (плус 9), но второто полувреме донесе постојани смени на водството. Во самиот финиш, Тандер имаа предност од три поени и напад, но Гилџес-Александер промаши, Гордон израмни со клучен шут, а Денвер доби последен напад за победа. Јокиќ го промаши својот десетти обид за тројка, па мечот замина во продолжение. Во дополнителните пет минути, Денвер одигра одлична одбрана, дозволувајќи само два поени од противникот и со искусна игра во нападот ја обезбеди победата. Особено се истакнаа Портер со тројка за клучна предност и Јокиќ, кој токму во продолжението успеа да подобри впечаток со два тешки поени и асистенција.
Покрај слабата реализација, Јокиќ постави и неколку негативни плејоф-рекорди: најмногу промашени тројки (0/10), најмногу загубени топки (8) и втор најлош процент на шут во кариерата на едно плејоф-соочување. Од другата страна, најдобар поединец за Оклахома беше Џејлен Вилијамс со 32 поени и 5 асистенции, додека фаворитот за МВП наградата, Шеј Гилџес-Александер, натпреварот го заврши со 18 поени, 13 скокови и 7 асистенции, но со слаб шут од поле (7/22).
Четвртиот натпревар ќе се игра во Денвер и тоа утре (недела) од 21.30 часот по македонско време, со директен пренос на каналите на „Арена Спорт“.
ФОТО: X / DENVER NUGGETS