Ѓоковиќ по третата победа на Ролан Гарос: Џабе ме пцуете – уште не се пензионирам!

Новак Ѓоковиќ ја мина и третата пречка на Ролан Гарос, откако вечерва го совлада Австриецот со хрватско потекло, Филип Мишолиќ (6-3, 6-4, 6-2), во меч во кој немаше проблеми на теренот, но имаше во публиката од каде што често беше исвиркуван, па дури и навредуван.

За Србинот оваа фаза од турнирот буди тешки спомени, бидејќи минатата година токму во третото коло, против Франциско Серундоло, се повреди и потоа замина на операција, што доведе до долг период на опоравување и драматичен камбек со финале на Вимблдон.

„Многу сум среќен што победив, особено бидејќи играв првпат во ноќна сесија. Сè беше поинакво во однос на минатата година. Против Мишолиќ не ми беше лесно, но заслужува пофалби за начинот на кој се бореше. Можеби имав проблеми со публиката, но веќе се навикнав да ме пцујат“, изјави Ѓоковиќ по мечот.

Воедно, оваа победа му ја донесе 99-тата победа на Ролан Гарос, а самиот тенисер призна дека „стотката звучи уште подобро“ и се надева дека ќе ја достигне.

„Тенисот ми даде сè. И публиката ми даде многу. Мислам дека сето ова покажува колку го сакам овој спорт“, рече Ѓоковиќ.

Осврнувајќи се на своите емоции на теренот „Филип Шатрие“, Ѓоковиќ се потсети на својата победа на Олимписките игри, како и на неодамнешната церемонија во чест на Рафаел Надал.

„Овде ја почувствував најголемата емоција кога го освоив олимпиското злато. А неодамна, сите четворица – јас, Рафа, Роџер и Енди – стоевме заедно. Тоа беше последен пат на ист терен. Надал е вистински шампион, особено на шљака, и заслужува сè што има постигнато. Честитки за неговата голема кариера. Се надевам дека некогаш ќе одиграме и егзибициски меч, но јас сè уште не планирам пензија“, заклучи Ѓоковиќ.