МЗТ сака „од втора“ да дојде до нова титула, во ТФТ сонуваат – мајсторка!

МЗТ Скопје ќе се обиде да ја искористи втората меч-топка за одбрана на шампионската титула и тоа во четвртиот натпревар од финалната плејоф-серија, кој се игра вечерва против ТФТ (19.30 часот) во салата „Кале“.

Тимот од Аеродром има водство со 2-1 и уште една шанса да ја затвори финалната пресметка на теренот на противникот со цел да избегне решавачка „мајсторка“. Сино-белите зад себе ја имаат традицијата со оглед што само еднаш во досегашните 11 шампионски походи загубиле повеќе од еднаш и тоа пред осум години во пресметката со Карпош Соколи (3-2).

Екипата на ТФТ, пак, нема простор за кикс. Тимот од Тафталиџе ќе се потпре на поддршката од домашната публика во обид да избори „мајсторка“ и да остане во трката за својата прва шампионска круна во клупската историја. Проблем за овој тим ќе биде неиграњето на убедливо најдобриот во тимот, Закери Браун, кој потешко се повреди на претходниот дуел.