Одбојкарките по тешкиот пораз од Швајцарија: Добивме лекција за будење!

Македонската женска одбојкарска репрезентација синоќа претрпе тежок пораз од селекцијата на Швајцарија (0-3) во вториот натпревар од Сребрената Европска лига, одигран во Струмица.

Поразот, кој дојде со убедлива разлика (29-75), предизвика големо разочарување кај стручниот штаб и репрезентативките, кои сега се соочуваат со потребата од брза реакција и промена на пристапот. Селекторот Стефан Пауновиќ призна дека натпреварот бил далеку под очекувањата, но потенцираше дека токму овој неуспех треба да се доживее како пресвртница.

„Ова мора да ни биде лекција за будење“, порача Пауновиќ. „Разочарани сме што не пруживме посилен отпор, но верувам дека токму овој натпревар ќе ни помогне да се разбудиме. Не смееме и не можеме вака понатаму.“

Тој додаде дека играта на тимот била бледа и покрај статистички подобриот прием во однос на првиот меч против Луксембург. Швајцарскиот блок и играта на мрежа беа доминантни, а македонскиот тим не успеа да се адаптира и да понуди вистински отпор против фаворитот. По натпреварот, репрезентацијата одржа внатрешен состанок на којшто се согласија дека мора да се реагира итно и фокусирано, бидејќи пред нив следува нов предизвик – вториот турнир од Сребрената лига на Фарските Острови. Таму македонските одбојкарки ќе се натпреваруваат со домаќинот и со селекцијата на Австрија, во периодот од 6 до 8 јуни.

До тогаш, тимот ќе тренира два дена во Струмица, а денешниот ден го добија како можност за ментален и физички одмор.