
Никола Јокиќ брутално самокритичен по една од најлошите партии во кариерата!
И покрај победата, вечерта ќе остане запаметена по слабото издание на најдобриот кошаркар на победничкиот тим, Никола Јокиќ, кој одигра една од своите најлоши партии во дресот на Нагетси. Србинот за 44 минути на терен постигна 20 поени, забележа 16 скокови и шест асистенции, но ги промаши сите десет обиди за тројка и изгуби дури осум топки.
„Бев најлошиот играч на теренот, но победивме и тоа е најважно“, самокритично изјави Јокиќ по натпреварот, додавајќи дека тимската одбрана во последната четвртина била клучна за триумфот.
Тој посочи и дека Џамал Мареј имал одличен настап и дека победата е резултат на тимски напор. И покрај фрустрацијата од промашените отворени шутеви, Јокиќ нагласи дека нема да престане да шутира.
„Такви ноќи се случуваат. Се обидов да останам присутен во натпреварот и да придонесам на други начини. Соиграчите ме бодреа и продолжив да шутирам, иако топката не влегуваше“, дополни центарот.
Неговите соиграчи овој пат презедоа поголем товар, што ретко се случува, со оглед на тоа што Јокиќ често сам го носи тимот на грб.
ФОТО: EPA PHOTO