Летаа боксови: Жестока тепачка на (не)пријателскиот меч меѓу Бетис и Комо (ФОТО+ВИДЕО)

Пријателскиот меч меѓу шпанскиот Бетис и италијанскиот Комо, одигран вчера во Кадиз, заврши со физичка пресметка на теренот и неколку исклучувања, што целосно го засенија резултатот.

Комо славеше со 3-2, но натпреварот остана во сенка на жестоката тепачка која избувна веднаш по завршувањето на првото полувреме. Иако тимот од Италија имаше предност од 2-0 со головите на Асане Диао и Лукас де Куња, фрустрацијата на теренот кулминираше со конфронтација меѓу Пабло Форналс и Масимо Пероне, кои разменија удари. Инцидентот брзо ескалираше – во метежот се вмешаа голем број фудбалери од двата тима. Особено се истакна Кучо Ернандез од Бетис, кој влезе во гужвата со обид да нападне играч на Комо, но по грешка го удри својот соиграч Натан.

Иако Форналс беше иницијаторот на тепачката, тој не беше санкциониран. Пероне доби директен црвен картон, а Бетис остана со играч помалку по исклучувањето на Хектор Белерин. И покрај бурниот расплет, мечот беше доигран, а Комо на крајот ја потврди победата со уште еден погодок во второто полувреме.

ФОТО: X / @brfootball