
„Охрид ми е во срцето, Скопје го обожавам, а Македонија пак може да биде – голема!“
На годинешното првенство убедливо најпознат од присутните учесници е селекторот на хрватските кадети, Роко Лени Укиќ – поранешен НБА кошаркар со импресивна кариера во најголемите европски клубови и во националниот тим на Хрватска. Станува збор за некогашен кошаркар на Торонто и Милвоки, односно на Тау Керамика, Фенербахче, Панатинаикос, Цедевита и Сплит, кој има 150 настапи за „коцкестите“ каде што бил капитен со настап на две Светски, три Европски првенства и на ЛОИ 2008 во Пекинг. Неговото присуство во Скопје го искористивме за разговор, односно за пренесување на неговата кошаркарска визија, на неговите сеќавања и асоцијации на Македонија и за очекувањата од идната тренерска кариера.
Укиќ минатата сезона, со нецели 40 години, првпат седна на клупата на кадетите на матичниот Сплит, а годинава беше именуван за селектор на репрезентацијата до 16 години, каде што денеска ќе го има официјалното деби во малата сала во „Јане Сандански“ против Исланд.
„Тренерскиот занает носи поинаков пристап од играчкиот, кога си фокусиран само на себе, а сега треба да мислиш за сите во тимот. Но, јас сум кошаркарски фанатик и секоја улога во овој спорт, со период на прилагодување, ја работам со огромна љубов. Секогаш во главата ми се споредбите од тоа како сум размислувал тогаш, а како размислувам сега. Дебито не ми прави притисок, но секако нема да ми биде едноставно додека ја слушам химната стоејќи крај клупата“, го почнува разговорот во свое време феноменалниот плејмејкер.
Мислите ли дека е малку чудно што една Хрватска игра во дивизија Б, со т.н. второлигашки репрезентации?
„За тие што не следат редовно младинска кошарка, тоа сигурно е изненадување. Факт е дека хрватските селекции се во дивизија Б во сите возрасни категории, значи кадети, јуниори и младинци, нешто што го имаме наследено ние што работиме летово. Хрватска има сјајни сениорски кошаркари, но кубуриме со таленти, нешто што ќе се обидеме да го подобриме во следниот период“, објаснува Укиќ.
Дали е ова некој поголем регионален проблем, со оглед што речиси сите селекции од Балканот полека влегуваат во друштво на второлигашките репрезентации, па дури и една велесила како Србија.
„Некако најдобра во оваа конкуренција е Словенија, која има некој затворен систем што функционира и кој им носи добри резултати во континуитет. Србите имаат голем пад во однос на десетина години, ние Хрватите уште поголем, а и останатите држави меѓу кои и Македонија нема со што премногу да се пофалат. Реалноста е дека ние на Балканот немаме голем пад од претходно, туку дека сите останати отидоа многу напред. Тие вложуваат, инвестираат, работат, а ние се уште сме застанати на онаа југословенска школа од пред 30 години и не сакаме да го прифатиме модерното време онака како што треба, а кое бара и многу поголеми инвестиции во спортот“, искрен е хрватскиот кадетски селектор.
Укиќ своето деби како „изборник“ ќе го има во сала што добро ја познава и која е една од неговите најомилени на просторот на поранешна СФР Југославија. Во Аеродром играл повеќе пати како играч на Цедевита во АБА и како ветеран на Сплит во АБА2 лигата пред крајот на кариерата.
„За мене гостувањето кај МЗТ Скопје во оваа сала ми беше најомилено додека играв во регионалното натпреварување. Услови какви што ретко имало на друго место. Хотелот е во склоп на арената, која е модерна и која има сѐ што му треба на еден кошаркар. Секогаш настапував максимално мотивиран во Скопје, а доаѓав со силни екипи па најчесто си одев насмеан и победнички“, со насмевка вели Укиќ.
Престолнината не е единствениот град кој е врежан во срцето на хрватската легенда. Негова прва македонска љубов дефинитивно е Охрид, кој засекогаш ќе го памети.
„Охрид е градот кој никогаш нема да го заборавам, не толку поради езерото кое е прекрасно, туку поради фактот што во него дебитирав во дресот на Хрватска. Тоа беше мој прв официјален меч и тоа со само 17 години. Одиграв осум минути, постигнав пет поени со една тројка, статистика што засекогаш ќе ја паметам, секако заедно со победата во дуелот со Македонија, која во тој момент за нас значеше и обезбедување пласман на ЕП 2003 во Шведска. Оттогаш не сум бил во Охрид, но навистина би сакал да се потсетам на тие времиња ако се укаже некоја можност за време на овој шампионат“, емотивно раскажува легендарниот Хрват.
Укиќ во богатата кариера никогаш немал македонски кошаркар за соиграч, но добро ги знае сите наши легенди, против кои војувал на паркетот.
„Имав само 6-7 години кога Југопластика владееше со Европа со Петар Наумоски во тимот, против кого потоа имав неколку можности да играм и да учам од него. Беше пеколен кошаркар. Тука е Тодор Гечевски, легендата на Задар, кој ја редефинира играта на еден центар во регионалната кошарка и кој никогаш нема да биде заборавен во Хрватска. Владо Илиевски, Лестер Мекејлеб, Перо Антиќ се само дел од другите македонски кошаркари со кои сум биел битки, како на клупски, така на репрезентативен план. Ја паметам средбата од ЕП 2009 во Познањ каде што тешко ве победивме и тоа по прво полувреме во кое водевте со 14 поени разлика (34-48 – н.з.). Македонија секогаш била расадник на таленти, но гледам дека и кај вас е некако сушен период“, вели поранешниот плејмејкер.
Тој знае дека нашата селекција пред неколку дена загуби од Романија и дека игра во претквалификациите за СП 2027, пеколна фаза во која е и неговата Хрватска.
„Системот на ФИБА е немилосрден, мала грешка и веднаш си во деветиот круг од пеколот. И ние тоа го почувствувавме на своја кожа, особено поради немањето можност да ги користиме најдобрите кошаркари во најголем дел од репрезентативните прозорци. Видов дека сте загубиле од Романија, но тоа не е страшно бидејќи правите нова селекција со смена на генерациите. Тоа никогаш не е лесно. Јас добро ја знам генерацијата што беше четврта во Европа во 2011 година и верувам дека многу брзо ќе успеете да се вратите на тие височини, да бидете во врвот на европската кошарка. Но, треба многу да се работи, да се инвестира, зашто и другите го прават тоа. Мора да се промени начинот на размислување на овие простори, да се сфати дека само со многу откажувања и тренирање по цел ден може да се дојде до успех“, вели Укиќ.
Поранешниот „мозок“ на паркетот ужива во новата улога, но не лета во облаци. Сега е фокусиран само на децата кои ги предводи на ЕП во Скопје и не размислува каде би го однела тренерската кариера.
„Јас сум заљубен во кошарката, без неа не можам. Уживам во работата со децата и ако тоа го правам до крајот на кариерата, нема да биде разочаран. Не размислувам за тоа каде би бил за две, три или десет години. Секако дека нема да одбијам понуди од големи тимови, да работам во Евролигата и да имам супер-богати договори. Но, тоа не ми е целта во животот. Сакам да уживам во кошаркарскиот спорт, да го пренесувам моето знаење на помладите. Ако тоа се покаже доволно за некоја сериозна кариера, сигурно нема да се бунам. Но и да останам на ова ниво, нема да зажалам. Важно е да бидам во контакт со портокаловата топка. За мене таа значи живот“, го заврши разговорот поранешниот НБА кошаркар.