Металург го почести фенерџијата: Војводина и „удавена“ ги надмудри сините!

Металург доживеа неочекуван и непријатен пораз во 4. коло во СЕХА-лигата од последнопласираната екипа Војводина, со 19-21.

Иако се наоѓа во тешка состојба, со тазе избркан тренер и со мал ростер ракометари, Војводина имаше повеќе мотивација од Металург за да го добие натпреварот. На македонскиот вицепрвак му дозволи само четири пати на мечот да води, со 1-0 на стартот, пред крајот на полувремето, кое заврши со 11-11 и двапати во второто.

Во останатиот дел од мечот Металург бркаше, а Војводина стигнуваше најмногу до три разлика. Имаше 16-13 во 45. минута, но македонскиот вицеправк се врати со серија од четири гола едноподруго. Сепак, кога требаше да го зададе завршниот удар, Металург доби две исклучувања, а направи и неколку грешки во нападот, па повторно Војводина беше таа која презеде контрола.

На крај на металурзите им се удри од глава и тактиката „седум на шест“, а во нападот немаа среќа или, подобро, имаа растреперени раце, па утнаа четири седмерци и неколку пати погодија во рамката од голот. 

Во отсуство на првиот стрелец во СЕХА, Жарко Пешевски, предводеше Филип Кузмановски со пет гола, четири постигна Божо Анѓелиќ. Дарко Арсиќ имаше десет одбрани. Кај домаќинот незапирлив беше Вукашин Стојановиќ со шест од шест. Ова е втор пораз за Металург, по оној во Вардар и сега е петти, со шест бода. Војводина остана последна, но со три бода, како и Динамо, Нексе и Горење, пред неа.