Јагањац со 100 голови е прв стрелец во СЕХА

Ракометарот на Металург, Халил Јагањац е најдобриот стрелец во регуларниот дел од СЕХА-лигата со 100 голови. 

Младиот Хрват денеска на дуелот против Целје постигна пет голови и дојде до оваа бројка. Постоеја шанси да биде престигнат од Бруно Буторац од Татран Прешов, на кого му требаа барем 10 гола против Горење Велење за да се израмни со ракометарот на Металург, но тој постигна само пет и ја заврши сезоната со 95 погодоци.

Ова е голем успех за младиот ракометар на Металург, кој има само 19 години. Тој на 18 натпревари во регуларниот дел имаше просек од 5,56 голови по натпревар. 

Уште двајца ракометари на Металург високо котираат во индивидуалните статистики. Мартин Велковски и Филип Кузмановски се на третото, односно четвртото место на табелата на асистенции со по 45, односно 44. Кузмановски ја завршува сезоната на петото место кај најдобрите стрелци со 75 голови, додека најдобар стрелец на Вардар е Тимур Дибиров, кој финишира на седмото место со 72 гола.