Червар наместо да го предводи Металург ќе држи прес-конференција во Загреб?!

Заминувањето на хрватскиот ракометен селектор, Лино Червар, од клупата на Металург станува сѐ поизвесно, откако денеска од Загреб стигна информација дека за тој закажал прес-конференција во термин во кој би требало да биде со екипата од Автокоманда на гостување во Украина.

Червар пред хрватските медиуми ќе се појави следниот петок (6 октомври) за да го образложи својот список на играчи за пријателскиот двомеч со Словенија и да ги каже своите очекувања од овие средби на „коцкестите“. Проблемот е во тоа што два дена подоцна (8 октомври), неговиот Металург го игра мечот од 4. коло од Лигата на шампионите кај Мотор. Реално, тешко е да се очекува дека Червар ќе може логистички да го „одработи“ ова патување односно да биде дел од експедицијата на „металурзите“ на исклучително важниот меч во Запорожје. Па дури и да стигне, дискутабилно е колку ќе може да ѝ се посвети на својата екипа кога нема да може да ги одработи последните, а со тоа и најважните тренинзи пред заминувањето во Украина.

Ова само се надополнува на шпекулациите кои неделава дојдоа од Загреб, каде што на големо се пишува дека Червар веќе ја завршил приказната наречена Металург и дека во едномесечен преоден период како советник од ноември целосно и единствено ќе се посвети на репрезентацијата на Хрватска. Ваквата приказна, пак, се појави неговото пропуштање на речиси сите тренинзи неделава пред утрешниот домашен дуел со Спортинг како и отсуството од вчерашната прес-конференција на „металурзите“. Од Металург делумно демантираа, но последна информација уште повеќе ќе ги засили муабетите дека е дојден крај на ерата на Червар во таборот на вицешампионот.

Како нов тренер на тимот од Автокоманда се посочува неговиот помошник, Александар Јовиќ.