„Лино не побегнал никаде, замина на планирана седница со репрезентацијата!“
Од клубот велат дека посетата на Лино Червар на Загреб не е никакво изненадување за нив и дека тоа го носат неговите двојни обврски, односно фактот дека истовремено е и селектор на хрватската репрезентација.
„Лино замина за Загреб по натпреварот со Бешикташ бидејќи имаше однапред предвидена обврска. Тоа не е нешто што се случи набрзина или 'апансас', туку отиде на седница на стручниот штаб на хрватската репрезентација закажана уште пред месеци. В сабота имаме натпревар со Спортинг и го очекуваме да се врати“, појаснува претседателот на клубот, Зоран Цветановски.
Меѓутоа, не е ништо ново Червар да работи под услови од типот „никогаш не се знае“. Впрочем, на тој начин си замина од селекторското столче на Македонија, во март, за да ја преземе Хрватска. Од пролетта, кога беше назначен за селектор, го остави „замаглено“ прашањето околу Металург, сѐ додека не излезе информација дека ќе го задржи двојниот ангажман и ќе го предводи клубот и во новата сезона.
Меѓутоа, таа уште непочната, се појавија нови негови изјави во јавноста со двоумење и без конкретен одговор за судбината на македонскиот вицепрвак, за наскоро да даде двосмислени тврдења како „никогаш не си одам од Македонија“.
Тоа може да биде и вистина, ако задржи некаква консултантска функција, како што пишува во најновово интервју за „Вечерњи лист“. Но, од друга страна искуството нѐ поучило дека може и да се врати за саботниот меч со Спортинг и да рече - сѐ е во ред.
Владко Арсов