Червар се прости(л) против Бешикташ, Јовиќ нов тренер на Металург?!

Хрватскиот ракометен стратег, Лино Червар, повеќе нема да биде тренер на Металург, пишува хрватскиот весник „Вечерњи лист“, кој потенцира дека тој одредено време ќе остане во клубот како советник, а од ноември целосно ќе ѝ се посвети на „коцкестите“ каде што е селектор.

Стручњакот деновиве е во Загреб каде што ќе остане подолг период каде што ќе работи со репрезентацијата на Хрватска за претстојното Европско првенство (ЕП) кое ќе се одржи во оваа земја. Тој не сакаше да одговара на прашањата поврзани со Металург, но по неофицијалните разговори со Червар, новинарите со голема сигурност пишуваат за неговото заминување од Скопје односно дека мечот против Бешикташ му бил последен како прв тренер на скопската екипа.

„Оставете го Металург на страна. Сега сум тука, посветен сум целосно на репрезентацијата, а за сѐ друго ќе бидете благовремено известени“, изјави кусо искусниот стратег на тимот од Автокоманда.

Според Хрватите, нов тренер на Металург ќе биде Александар Јовиќ, сегашниот асистент во стручниот штаб на металурзите.