Седлоски: За составот ќе решам дури утре, по последната анализа - ќе има секакви промени!

Македонија продолжува со натпреварите во Лигата на нации, а следен противник ќе биде репрезентацијата на Словенија со која нашите фудбалери ќе играат утре од 20.45 часот во Љубљана.

Селекторот Гоце Седлоски кажа дека го анализирале натпреварот со Швајцарија и ќе ги поправат грешките.

„Добро го анализиравме натпреварот со Швајцарија, грешките мора да ги поправиме за утрешниот меч. Играчите се подготвени и одморени. Играме против моќна репрезентација, но ние ќе го дадеме максимумот. Резултатите кои ги имавме остануваат зад нас, со мислите сме насочени кон утрешниот меч.

По натпреварот со Швајцарија зборував со жешка глава, но можам да кажам сега дека во составот имаме златни деца, златна генерација. Атмосферата во тимот меѓу фудбалерите и стручниот штаб е одлична, а тоа ни дава сила да се покажеме во најдобро светло против Словенија. Ќе има промени во составот за дуелот со Словенија“, кажа селекторот.

Седлоски посочи дека во репрезентацијата има квалитетни фудбалери, но сè уште не одлучил кој ќе биде во стартниот состав.

„Имаме добри играчи, кои јас ги бирам, тие треба да излезат на терен и да покажат квалитет. Словенија е добра репрезентација, го следевме последниот меч против Шкотска. Направивме добра анализа, се надеваме на добар резултат.

Работиме напорно на тренинзите, да играме офанзивно, но противниците се силни репрезентации. Швајцарија е добра репрезентација, таа е поквалитетна од другите три селекции во оваа група.

Ќе има освежување во тимот, сакам секој да си игра на својата позиција, но ако е потребно ќе покрие и друга позиција на теренот. На мечот со Швајцарија, сакав Костадинов да ја затвори левата страна, но не успеавме. Ќе направам сè, секој фудбалер да си игра на своето место. Да го завршиме тренингот, ќе направиме уште една анализа пред да го изберам составот за утрешниот дуел. Мора да освежуваме во тимот, ќе има и во нападот“, додаде Седлоски.

Натпреварот меѓу Словенија и Македонија се игра утре од 20.45 часот.