Арсенал уште плаче за него: Филмската приказна за „буцкото“ Кејн - како стана најдобар на светот!

Капитенот на англиската репрезентација и напаѓач на германскиот гигант Баерн Минхен, Хари Кејн, е освојувач на престижната „Златна топка“, со што дефинитивно го потврди својот статус на еден од најубоитите голгетери на својата генерација.

Круната на неговата кариера доаѓа по извонредниот период во Германија, каде што по трансферот вреден над 100 милиони евра во 2023 година – со што стана најскапото засилување во историјата на германската лига – тој целосно доминираше на терените. Уште во првата сезона постигна 36 лигашки голови и ја освои Европската златна копачка, за долгоочекуваните први тимски трофеи конечно да пристигнат во 2025 година кога со Баерн убедливо ја освои Бундеслигата и Купот на Германија. Дополнителен печат на неговата брилијантност е достигнувањето на неверојатната бројка од 500 голови во кариерата до февруари 2026 година, од кои дури сто се реализирани од пенал.

Патот до врвот на единствениот Англичанец кој повеќе пати ја подигнал наградата за најдобар европски стрелец е одбележан со неверојатна работна етика која најмногу дојде до израз во Тотнем. Вистинскиот пробив во лондонскиот клуб се случи под водство на тренерот Маурисио Почетино, кога Кејн отиде до таму што купи втора куќа во близина на тренинг-кампот за да поминува дополнителни часови усовршувајќи ги своите удари. Кариерата во „спарс“ ја заврши како најдобар стрелец во историјата на клубот со 280 голови, престигнувајќи го легендарниот Џими Гривс, а трипати беше и најдобар стрелец во Премиер лигата. Паралелно со клупските успеси, тој ја презеде капитенската лента на англиската репрезентација, предводејќи го националниот тим до две финалиња на европските првенства и престигнувајќи го Вејн Руни на врвот на листата на најдобри стрелци во историјата на својата земја.

Сепак, неговите почетоци не ветувале ваква блескава иднина. Роден во лондонски Чингфорд, каде што одел во истото училиште со Дејвид Бекам, тој почнал да игра фудбал на шестгодишна возраст во локалниот Риџвеј Роверс. Неговиот талент брзо ги привлекол скаутите на Арсенал, но во нивната академија се задржал само една година бидејќи тренерите сметале дека не е доволно добар за нивниот систем. Тогашниот директор на академијата, Лијам Брејди, години подоцна јавно призна дека клубот направил огромна грешка со таа одлука.

„Тој беше малку буцмаст и не баш атлетски граден, но преку својата решителност изгради неверојатна кариера“, изјави Брејди.

По одбивањето од Арсенал и краткиот престој во Вотфорд, Кејн ја добил својата шанса во Тотнем, каде што искуството го градел преку позајмици во Лејтон, Милвол, Норвич и Лестер. Надвор од теренот, славниот напаѓач води прилично мирен живот со својата љубов од школските денови, Кејти Гудланд, со која има четири деца. Малку е познато дека Кејн е огромен обожавател на американскиот фудбал, па своите кучиња ги крстил Брејди и Вилсон во чест на легендарните квотербекови, а фотографиите од Том Брејди му служеле како мотивација за слабеење во младоста. Тој дури најави дека по крајот на фудбалската кариера би сакал да се испроба како шутер во НФЛ. Меѓу неговите специфични навики се вбројува и одбивањето да се бричи кога се наоѓа во голгетерска серија, верувајќи дека брадата му носи среќа пред противничките голмани, додека негов омилен филм е акциониот трилер „Граѓанин на опасни намери“ од 2009 година.