Далија Стојановска го покори Балканот и испиша историја на трките во Романија!

Македонската вело-крос репрезентација оствари историски успех на Балканското првенство во Романија, пред се поради извонредните настапи на Далија Стојановска и Оља Цветанова.

Главниот блесок на првенството го приреди Стојановска во конкуренцијата до 19 години, каде што суверено ја освои шампионската титула во циклокрос. Таа извозе пет круга со победничко време од 43,21 минути, оставајќи ги зад себе второпласираната Бриџит Белу и третопласираната Дениса Марија Маркуш. Успехот на македонската експедиција го надополни Оља Цветанова, која се закити со бронзениот медал во категоријата до 15 години.

Покрај освојувачите на медали, одлични пласмани забележаа и останатите македонски репрезентативци. Марко Чекеровски ја заврши својата трка на високото петто место, додека Кирил Анчевски и Мартин Спасевски се пласираа на седмата позиција во своите соодветни категории.