Легенда на Реал тврди дека Мбапе и Јамал биле брутално ограбени во Лондон!
Некогашниот фудбалер за врска, кој сега работи како стручен аналитичар, го искористи гостувањето во телевизиска емисија за да го критикува изборот на англискиот напаѓач. Во шпанската фудбалска јавност веќе се чувствуваше сериозно разочарување откако талентот на Барселона, Ламин Јамал, заврши на третото место во поредокот, веднаш зад асот на Реал Мадрид, Килијан Мбапе и самиот победник Кејн. Ваквиот расплет целосно го испровоцира Гути, кој има одиграно над 500 натпревари за мадридскиот клуб во ерата на „Галактикосите“, јавно да ја доведе во прашање регуларноста и чесноста на овој престижен избор.
Своето сомневање поранешниот шпански репрезентативец го темели на самата локација на одржување на манифестацијата. Според неговите зборови, воопшто не е случајно што јубилејното 70-то издание на церемонијата се одржало токму во Лондон, а највредниот индивидуален трофеј завршил во рацете на Англичанец.
„Каква случајност само – јубилејното 70-то издание на церемонијата се одржува во Лондон и трофејот оди кај лондончанец. Неверојатно, нели? Каква необична случајност е наградувањето да биде организирано во Лондон и победникот да биде токму од Лондон, нели?“, иронично изјави Гути.
Анализирајќи го настанот, Гути потенцираше дека изборот на победникот изгледа целосно режиран, додавајќи дека ваквото мислење за оваа награда го споделува веќе подолго време. Својата теза за наместен избор тој ја поткрепи и со анализа на реакцијата на самиот Кејн при прогласувањето на победникот. Според неговото толкување, однесувањето и изразот на лицето на англискиот голгетер оддавале целосен недостиг на уверување во сопствениот триумф.
„Апсолутно сè изгледа диригирано. Тоа е мојот впечаток и отсекогаш сум мислел така за оваа награда. Кејн никогаш во животот не си замислуваше дека ќе победи. Сигурен сум дека очекуваше Ламин и Мбапе да го претркаат. Никој не реагира со таква физиономија кога ја освојува Златната топка“, заклучи Гути.