Вардарци приземни: Со Висла можевме и повеќе, со Татран нема опуштање!

Вардар го надмина турбулентниот вовед на Лигата на шампионите, со два бода во Плоцк, а до следниот европски предизвик ќе се „амортизира“ во СЕХА-лигата против Татран Прешов.

Колку и да е приоритетна Лигата на шампионите, Вардар нема намера да го запоставува регионалното натпреварување. Почна со идеален скор во првите три кола и би било изненадување ако тоа се промени и во четвртиот натпревар против Татран, во „Јане Сандански“. Противникот доживеа шок сезонава, со утнатите квалификации за Лигата на шампионите и тоа на свој терен, така што СЕХА-лигата му е единствената преокупација.

„Оваа сезона имаат добар тим, силна одбрана и играат доста добро. Ние денеска се вративме од Висла и нема да тренираме, ќе одмораме и само ќе гледаме видео. Фаворити сме, но не смееме да се опуштиме, бидејќи Татран е ривал кој лесно казнува грешки“, изјави Раул Гонзалес.

 

Победата во Плоцк им годеше, особено што е прва во три гостувања, меѓутоа капитенот Стојанче Стоилов бара уште од тимот и не е задоволен со победата 26-22.

„Одигравме добар натпревар и може да бидеме задоволни што ја почнавме сезоната со победа. Сепак, моравме да победиме со поголема разлика бидејќи бевме многу подобри. Имавме грешки во нападот и во реализацијата, а и го разбранивме Вихари, така што останавме на само четири гола разлика. Меѓутоа, најважно е тоа што тргнавме во сезоната со победа бидејќи никогаш досега не сме успеале да дојдеме до победа во Полска“, вели Стоилов.

Натпреварот Вардар - Татран ќе се одигра утревечер, во 20.45 часот.