Вардар се прости од Европа со уште еден убедлив пораз од Веспрем

Четвртфиналето меѓу Вардар и Веспрем беше решено уште во првиот круг, во Скопје, кога Веспрем славеше со 41-27, па од реваншот во Унгарија не се очекуваше ништо непредвидливо, ново и спектакуларно и - така и беше.

Веспрем го надигра Вардар и вторпат, надмоќно и убедливо, со 39-30., во уште поопуштен натпревар, без притисоци и со повеќе постигнати голови. Вардарци парираа десетина минути, потоа почна првата серија од 3-0 на Веспрем, за да се издвои на 9-6. Имаше уште една за 15-10 во 22. минута, а до крајот на полувремето предноста се задржа на слично ниво, со резултат 20-15 на паузата.

Сакајќи или не, Вардар го прифати темпото на Веспрем, со наттркување и со брза игра и само расположениот Борко Ристовски помогна негативата да не биде и повисока. Во второто полувреме Стевче Алушовски се обиде да напаѓа со „7 на 6“, со два пивота, но тоа само помогна разликата да падне под 10 гола, бидејќи стана двоцифрена уште во 40. минута (30-20).

Грешките на Вардар најчесто ги казнуваше Данил Шишкарев, затоа го подели епитетот најефикасен во својот тим, со Андреас Нилсон, со по шест гола, додека Дејан Манасков имаше два од два. Кај Вардар, Стојанче Стоилов и Тимур Дибиров предводеа со по пет гола, при што руското крило се потврди како прв стрелец во тимот оваа сезона во ЛШ. Застана на 69 гола, пет повеќе од Иван Чупиќ. За Вардар заврши овосезонската ЛШ, додека Веспрем во четвртфиналето оди на Нант со Кире Лазаров.