Уште едно одложување во ЛШ: Манасков нема да игра против Барселона!

Пандемијата со коронавирусот одново удри по најквалитетниот европски ракомет, откако денеска беше објавено одложување на уште еден натпревар и тоа тој помеѓу Веспрем и Барселона, кој задутре требаше да се одигра во Унгарија.

Причина за ова е карантинот во кој се наоѓаат шпанските ракометари, откако прво Каспер Мортенсен беше позитивен на Ковид-19, а потоа и уште двајца други играчи чии имиња сѐ уште не се соопштуваат. Каталонците во следните десетина дена нема да може да тренираат ниту да играат, што дефинитивно отвора нов голем проблем за предводниците на Лигата на шампионите.

Ова е релативно лоша вест за Дејан Манасков и неговите соиграчи, кои играат во одлична форма во моментов, за што потврда беше убедливата победа над Ѓенѓеш (35-25) викендов во домашното првенство во која македонскиот репрезентативец постигна 12 голови и тоа без промашување.