Раул: Лазаров е одличен играч, ама не можеме само него да го браниме!

Следува нова шанса за Вардар да ја прошири победничката серија од почетокот на сезоната, но сега, веројатно, против најсилниот ривал досега, Нант со Кире Лазаров.

Со победи против ПСЖ и Монпелје, веќе со еден освоен трофеј и со одлична голгетерска форма Нант доаѓа во Скопје, в сабота. Раул Гонзалес ги сподели своите мисли за противникот и од нив се гледа дека уште сега знае каков натпревар ќе се игра во „Јане Сандански“

„Мило ми е што победивме со Висла, затоа што секогаш е тешко да се игра гостување во Лигата на шампионите, сега продолжуваме понатаму. Играме против една многу силна екипа како Нант. Имаат добри играчи и многу добар голман (Сирил Димулан н.з.), имаше 22 одбрани со Пик Сегед. Нашите играчи се чувствуваат добро, вчера имавме добар тренинг и добро работевме. Во сабота очекувам брз натпревар, зашто Нант игра таков ракомет, сака контранапади, а така сакаме да играме и ние, така што ќе биде многу интересно. Треба да победиме зашто за нас е многу важно да победуваме дома, за да имаме добар пласман во групата“, изјави тренерот на Вардар.

Неминовна е средбата со Кирил Лазаров, сега малку поспецифична од последното гостување против Вардар, со Барселона. Оттогаш Раул му стана селектор во репрезентацијата.

„Знаеме дека Лазаров е одличен играч, но Нант е екипа со многу добри играчи и затоа не можеш да се концентрираш само на еден. Така беше и со Барселона, кога Лазаров играше таму. Мора да се браниме од цела екипа“, додаде тренерот.

Единствените проблеми во тимот ги има со Страхиња Милиќ, кој, најверојатно, нема да игра против Нант, иако денеска ќе проба да тренира. Даинис Криштопанс имал ситна повреда, но без опасност да биде отсутен в сабота во 17.30.