Прибак: Металург има иднина

Македонскиот репрезентативец Немања Прибак изјави по мечот дека Бешикташ денеска ги казнил грешките на македонскиот вицепрвак Металург, но потенцира дека тимот од Автокоманда има голема иднина.

„Ова беше меч на два противника кои играат на исто ниво. Ние сме малку поискусни, но Металург е екипа што трча повеќе. Добро го отворивме мечот, имавме расположен голман и ги казнивме грешките на Металург. Можеби не беше интересен меч со интересен крај, но среќен сум и благодарен на сите. Исто и благодарност до публиката. На Металург му посакувам среќа, мислам дека имаат добра иднина“, рече Прибак.

Тренерот на турскиот клуб Мевлут Арин посочи дека расположениот голман на Бешикташ го демотивирал противникот и тука Турците го скршиле нашиот тим.

„Игравме против млад и динамичен тим. Играа брз ракомет, а нашиот најголем проблем беше што правевме грешки во одбраната. Но, потоа почнавме да играме дисциплинирано, игравме добро, постигнавме голови од контра. Тука беше и голманот кој добро се покажа. Во еден момент и го демотивиравме противникот. Ова беше добар натпревар, како и да е, честитки за Металург“, посочи Арин.