Прибак и Бешикташ се шансата на Металург за први бодови

По тешката задача во првото коло, Металург има реална шанса за први бодови во Лигата на шампионите. Во „Борис Трајковски“ денеска од 17 часот гостува Бешикташ.

Турскиот првак е противник по мерка за Лино Червар и момците да го скршат мразот во новата сезона од Лигата на шампионите. Не е пресилен, доволно познат е и доаѓа во Скопје, на наш терен.

Металург покажа дека иако има млада екипа, недоволно хармонизирана дека, сепак, има капацитет да одигра големи натпревари. Проблемот е во тоа што има осцилации и падови, кои најдобро се видоа во Нови Сад, во поразот од Војводина во СЕХА (19-21). Тоа претставува стимул повеќе за екипата да покаже дека Металург има друго лице и дека тоа беше лош ден, кој не смее да се повтори.

Бешикташ, од друга страна, лани играше во елитните групи од ЛШ, но ЕХФ виде дека не е за таму па го прекомандува. Неговиот просечен квалитет го потврди и првото коло, кога дома загуби од Спортинг со 26-30. Она што го плаши Червар се силните индивидуалци, како пивотот Рамазан Доне или, пак, македонскиот репрезентативец Немања Прибак.

Металург мора повеќе да се потпира на колективната игра, како во нападот, така и во одбраната. Тоа е приоритет за Лино Червар, кој смета дека само тоа е рецептот за успех во овие натпревари од Лигата на шампионите. Македонскиот вицешампион дефинитивно не смее да ја повтори играта од дуелот во Нови Сад против Војводина од средата, бидејќи таквите грешки во елитата скапо се плаќаат. Со оглед на фактот дека Металург и во следното коло во Лигата на шампиони игра на домашен терен против Спортинг, победа против Бешикташ би дошла исклучително добро денеска со цел да се крене самодовербата во овој млад тим предводен од капитенот Филип Кузмановски.