Пелистер потфрли во вториот дел во Орхус, ама се избори за пристоен пораз!

Ракометарите на Пелистер го доживеаа четвртиот пораз во групите во Европската лига, откако вечерва загубија со 22-24 на гостувањето во Орхус од Скандерборг, што дури е и прифатлив пораз сооглед дека до завршницата имаа и минус шест, а губеа и со осум разлика во второто полувреме.

Битолчани беа аутсајдери на гостувањето, ама одиграа одличен прв дел во кој во поголемиот дел водеа со еден до два разлика, но на пауза заминаа со егал 11-11, но потоа во вториот дел потфрлија. Данците со серија од 3-0 на стартот дојдоа во прво водство по воведните 1-0 на почетокот, а потоа со серија од 6-0 после 15-13 на емафорот ја обезбедија победата.

Сѐ потоа беше само рутински одработен меч во кој Пелистер ја бркаше негативата и во самата завршница со серија од четири гола за 4-0 од 24-18 дојде до минимален пораз со два разлика 24-22.

Пешевски и Радовиќ беа најефикасни кај битолчани со по четири гола, а Атанасиевиќ даде три, додека голманот Урбан Лесјак имаше 12 интервенции. Балинг беше прв стрелец кај Скандерборг со седум гола, а шест даде Теигрум.

На три кола до крајот на групната фаза, Орхус и Фуксе Берлин веќе се во нокаут фазата, а Пелистер е четврти со пет бода и следен меч на 14 февруари е дуелот со Агуас Сантас.