Пелистер ја пречекува Висла во клучен меч за осминафинале во ЛШ!

Денеска со почеток од 20:45 часот во салата „Боро Чурлевски“ во Битола, Пелистер игра меч од 10. коло во Лигата на шампионите, противник на битолчани е Висла Плоцк која е директен конкурент за место во нокаут фазата од натпреварувањето.

По девет одиграни кола Пелистер и Висла имаат идентичен број на бодови, по четири. Полскиот тим е на шестото место на табелата, последно кое води во осминафиналето.

Висла има подобра гол разлика, но и првиот меѓусебен дуел со Пелистер го доби со високи осум разлика, предност која изгледа недостижно.

Но, ако Пелистер го добие денешниот меч, со два бода повеќе ќе ја помине Висла и ќе се искачи на тоа шесто место и ако успее да се задржи таму и по следните четири кола ќе направи голем успех со пласман во нокаут фазата.

„Пред нас е тежок натпревар, потребна ни е целата енергија и сите навивачи. Висла е проект кој порасна многу во последните години, сакаат да бидат број еден во Полска и почнаа да ги победуваат дуелите со Кјелце. За нас е најважно да го дадеме максимумот и да се обидеме да победиме пред нашите навивачи. Работиме на детали, пристапот и почетокот на натпреварот ќе биде многу важен“, вели тренерот на Пелистер, Раул Алонсо.

Голманот Филип Ивиќ најдобро го познава тимот на Висла бидејќи бранеше во Кјелце каде имаше дуели во полското првенство против нив.

„Ова за нас е натпреварот на полусезоната. Со победа го отвораме патот кон елиминационата фаза и мора да го дадеме максимумот. Висла е клуб кој вложува многу. Кога играв за Кјелце, тогаш победувавме и во првенството и во купот, но сега нешто се промени. Ние сме подготвени, со новиот тренер добивме нов ветер во грб и мислам дека сме на добар пат. Најважно е да го оставиме срцето на терен“, рече Ивиќ.