Памтите ли кои седум играчи на Вардар, кои се сега во Келн, беа шампиони во 2017?

Иако играчите не се занимаваат со тоа, ние медиумите постојано сакаме да си играме со статистиката, со бројките и со традицијата. Пред почетокот на полуфиналето во Келн, да погледнеме неколку интересни факти за Вардар.

Само ЕДЕН ракометар досега откако постои Ф4-турнирот во Келн успеал да ја одбрани титулата и тој игра во Вардар.Станува збор за Иван Чупиќ, кој во 2016 година го крена пехарот со Кјелце по драматично финале против Веспрем, а една година подоцна, самиот го постигна голот за победа на Вардар против ПСЖ за нов пехар.

Вардар е само ВТОРИОТ тим во четири години, кој дојде на Ф4-турнирот во Келн како дебитант и го освои. Првиот беше Фленсбург во 2014 година. Потоа истото му успеа и на Монпелје, минатата година, но за разлика од Фленсбург и Вардар тоа не беше нивна прва европска титула.

ТРИ учества едноподруго на Ф4-турнирот во Келн е актуелниот рекорд, кој Вардар го достигна годинава. Третпат едноподруго ќе се обиде да ја освои титулата, слично како досега ПСЖ (2015-2017) и Барселона (2013-2015). Овде може да се брои и Сиудад Реал/Атлетико Мадрид, кој учествуваше три години по ред, но со променето име на клубот.

СЕДУМ играчи од победничкото финале во 2017 година повторно се во Келн и оваа година во екипата на Вардар: Стојанче Стоилов, Владо Недановски, Тимур Дибиров, Игор Карачиќ, Иван Чупиќ, Рожерио Мораес и Данил Шишкарев.

Со 80 гола досега, Дајнис Криштопанс е на делба на седмото место на листата на стрелци во ЛШ, меѓутоа е само втор во конкуренција на играчите кои играат во Келн. Прв е Алекс Душебаев со 88.