Нов удар за европскиот шампион: Кањелас го напушта Вардар и се сели во Унгарија!

Актуелниот европски ракометен шампион, скопски Вардар, ќе биде сериозно ослабен во следната сезона, со оглед на најавите дека клубот ќе го напушти шпанскиот репрезентативец Жоан Кањелас, кој, според специјализираниот интернет-сајт „Планет хендбол“ веќе потпишал договор со унгарски ПИК Сегед.

Каталонецот има валиден договор со црвено-црните и за следната сезона, а пред само неколку месеци самиот потврди дека и следната сезона ќе остане во „Јане Сандански“. Но, тоа речиси сигурно нема да се оствари, секако ако се остварат најавите за негова преселба во Унгарија каде што би работел со сонародникот Хуан-Карлос Пасторе.

Кањелас во Вардар дојде во 2016 година и беше еден од клучните ракометари во освојување на европскиот трофеј минатата сезона. Претходно настапуваше за Хамбург, Атлетико Мадрид, Сиудад Реал, Грањолерс, Барселона...