Никој не смее да писне во „куќата“ на шампионот: Нант на колена пред Вардар!

Вардар не дозволи Нант да се размавне во „Јане Сандански“ и ја запиша втората победа во новата сезона од Лигата на шампионите.

Колку што се важни двата бода толку е важен гестот пред Европа - шампионот го одбрани својот дом во првиот настап! Нант беше тврд противник, но Вардар го совлада со 27-23, поведен од Арпад Штербик со 12 одбрани.

Тој се испречи пред агилните Французи во важни моменти, како на пример во последните осум минути од првиот дел, кога од 8-8, Вардар направи серија од 6-2 за да има 14-10 на паузата. Раул одлично ја постави тактиката, па „пукаше“ кон Сирил Димулан не од бековските, туку од внтрешните позиции, пред се од пикерската.

Во вториот дел се одлепи на највисоки 19-14, но Нант искористи неколку брзоплети напади на Вардар и за само три минути постигна четири невозвратени гола, па дојде на 19-18. Вардар не дозволи израмнување и на бранови „бегаше“, воден од Штербик, но и од цврстата одбрана пред него. 

Кога дојде на 24-20, Нант повторно се доближи на минус еден, но во финишот Нант немаше кондиција да се носи со конзистентноста на Вардар, ниту во одбраната, ниту пак во брзите полуконтри.

Најефикасни беа највисоките, Фереира Мораес со шест гола, Даинис Криштопанс со пет, додека Иван Чупиќ имаше четири од пет од пенал. Штербик заврши со 12 одбрани, двојно повеќе од неговиот пандан на спротивната страна. Таму предводеа Гурбиндо, Балагер и Њокас со по четири гола, а нашиот Кире Лазаров, речиси и да не доби вистинска шанса. Неговата статистика остана само на седмерецот од првиот дел кој му го одбрани Штербик.

Во следното коло, на 1 октомври, Вардар го пречекува Загреб.