Најдобриот стрелец на Вардар во дуелите со Загреб „до вчера“ беше во Металург!

Вардар и Загреб вечерва (20.30) ќе ја одиграат 34. меѓусебна средба, во конкуренциите на ЕХФ и во СЕХА-лигата. Статистиката вели дека вардар е поуспешен во вкупниот биланс, но Загреб води во дуелите одиграни на највисоко европско ниво.

Натпреварите меѓу Вардар и Загреб датираат од 2002 година и опфаќаат неколку генерации врвни ракометни имиња. Играле ракометари кои биле прогласувани за најдобри на светот играле ракометари кои го носеле дресот и на двата клуба, па дури и имаа ист тренер, во различни периоди, во Веселин Вујовиќ.

Ако ја погледнеме традицијата можеме да извадиме многу интересни податоци, како на пример, кој е најдобриот стрелец во овие меѓусебни средби. Гледајќи ги само десетте натпревари во Европа, приматот го држи Златко Хорват, со 22 гола, еден повеќе од Стипе Мандалиниќ и два од Игор Вори.

Интересен е податокот дека низ сите овие години и преку толку натпревари во Лигата на шампионите, најдобар стрелец за Вардар против Загреб останал Александар Јовиќ со 17 погодоци. Десното крило на црвено-црните ги постигна овие погодоци на четири средби од раните 2000-ти, пред да замине во Металург во 2008 (во меѓувреме една сезона во Пелистер, 04/05). Во последниве години беше познат како помошник на Лино Червар, а потоа и главен тренер на Металург (до минатата сезона).

Сепак, од ноември 2017 веќе не е осамен на оваа листа на вардарци бидејќи Иван Чупиќ се изедначи со него со 17 гола, исто така во четири средби. Трет на оваа листа е Стевче Алушовски со 16 гола, исто така со четири натпревари. 

Ракометарот со најмногу европски натпревари против Загреб нема да игра вечерва, тоа е Владо Недановски, кој досега бил дел од шест меча. Кај Загреб, пак, во оваа категорија води Хорват со девет натпревар, пред Игор Вори со осум и Јосип Валчиќ со седум.

Што се однесува до меѓусебниот скор, Вардар има 17 победи, загубил 14 пати, а двапати резултатот застанал на реми. Сепак, ако се одземат резултатите во СЕХА-лигата, каде што македонскиот првак е многу подобар, загрепчани имаат подобро досие во европските дуели. Вардар таму славел четири пати, а загубил пет од 10 меча. Два од нив се во полуфиналето на КПК (2005), каде што и двете екипи си победија на домашен терен, но Загреб продолжи понатаму. 

Се разбира, уште побогата е нивната историја во регионалната лига, во која имаат 23 одиграни меча.