Во мноштвото убави вести кои ни доаѓаат од Келн викендов, каде што македонскиот ракометен првак Вардар учествува на третиот Ф4 по ред во обид да ја освои втората европска круна, ќе мора да споделиме и една во најмала рака, небулозна и криминогена случка.

Од Келн, 

ЗЛАТКО КРСТЕВСКИ

Да не ве чуди малку „жолтило“ во секторот за навивачи каде што се симпатизерите на Вардар и тоа токму на местата кои управата на македонскиот првак ги продаваше билетите за по 300 евра. Токму во тој агол, на кој годиниве имаше места само за навивачи со црвено-црни обележја, денеска се најдоа осуммина навивачи на полскиот шампион Кјелце.

Некој успеал да направи бизнис од сето ова, па ги (пре)продал билетите за кои тука во Келн еден куп вардарци молат, зашто тоа парче хартија е „поскапо“ од килограм злато. Неверојатно е што тоа се случува за дел од контингентот билети со кои располага Вардар и за кои од управата на македонскиот првак се пофалија дека ги распродале уште две недели пред Ф4 во Келн.

Најмногу навивачи во Келн има од Веспрем, црвени дресови има речиси на секој агол од градот, се шпекулира од бројка од 5.000 навивачи. Следат полските фанови на Кјелце кои ги има отприлика околу 2.000, а двојно помалку се нашите црвено-црни фанови. Најмалку, разбирливо, се навивачите на Барселона, спортско друштво каде што ракометот го следат само роднините на играчите...