
Ќе биде весело: Неколку стотини грчки навивачи доаѓаат да го бодрат АЕК во Скопје!
Грчките медиуми денеска пишуваат дека екипата од Атина официјално побарала билети за своите фанови, со цел да има каква-таква поддршка во обидот да ја достигне негативата од четири гола од првата средба. Ракометарите на Алкалоид одиграа фантастична средба среде грчката престолнина и победија со 29-25, што им донесе огромна можност в недела да го кренат в раце првиот европски трофеј во клупската историја.
Доаѓањето на грчките навивачи, кои на првата средба покажаа дека немаат баш голема спортска култура со оглед на фрлањето тврди предмети кон македонските ракометари при што најдебелиот крај го извлече Дамјан Митев (беше удрен во глава), пред се ќе биде голем предизвик пред се за да не им дозволи да направат било каков инцидент. Алкалоид изминативе години важи за одличен домаќин и организатор на меѓународни средби, поради што за очекување е да се преземат сите мерки натпреварот да мине во најдобар ред и на крајот пехарот да заврши во рацете на подобриот тим – со надеж дека тоа ќе биде македонскиот претставник.