Седлоски: Овие фудбалери се вистински „фраери“, Вардар ќе биде и посилен!

Фудбалерите на Вардар конечно ставија крај на 18-годишното чекање и го освоија Купот на Македонија, откако во финалето на Националната арена „Тодор Проески“ вечерва ја совладаа Струга со 2-0.

По натпреварот тренерот Гоце Седлоски не го криеше задоволството од постигнатиот успех:

„Честитки и за моите играчи и за фудбалерите на Струга. Победата е целосно заслужена, сè што барав од нив, го исполнија. Оваа екипа заслужува повеќе, знаете колку победи имаме оваа полусезона. Вакви фраери, им честитам...Знаете сами каде беше Вардар пред шест месеци, а каде е сега.  Фудбалерите се вистински фраери. Со неколку засилувања, верувам дека Вардар ќе изгледа уште посилно во иднина“, изјави Седлоски.

Со овој успех, Вардар обезбеди место во квалификациите за Конференциската лига на УЕФА, каде ќе настапува како еден од неносителите, заедно со Работнички и Силекс. Ждрепката за првото квалификациско коло е закажана за 17 јуни, а клубот од „Градски“ се надева на поволен ривал и успешна европска летна приказна.