Кањелјас: Рајн-Некар имаше натпревар пред три дена, не се подготвуваше за нас!

Вардар веќе воодушеви со настапите во Лигата на шампионите, особено со победите над Барселона и Рајн-Некар во Скопје, но може да се крене едно ниво погоре ако успее да се врати славенички и од денешното гостување (19 ч.) во Манхајм.

Ако нешто досега покажа тренерот Раул Гонзалес, тоа е големо ракометно знаење, но и дисциплина. Не дозволи вардарци да се „летнат“ во облаци кога ја освоија шампионската титула во јуни, а не ги пушта од конец ни сега. Очекува тежок натпревар во Манхајм.

„Ова е многу важен натпревар за нас. Ние сме на првото место на табелата во групата А и доколку успееме да победиме кај Рајн Некар нашата ситуација ќе биде одлична. Гостуваме во Манхајм, а таму секогаш е тешко. Победивме 2-3 пати против Рајн Некар во гости, но не може секогаш да биде така добро“, вели Раул Гонзалез тренерот на Вардар.

Жоан Кањелјас, како играч кој помина три години во Бундеслигата, знае колку е напорно темпото. Тоа се гледа и од резултатите на Рајн-Некар, кој врза два пораза по ред во Германија, пред и по „капитулацијата“ во Скопје. Во четвртокот беше поразен од Гепинген со 26-28 и тоа треба да е голем дефокус во и онака краткото време за подготвување на мечот со Вардар.

„Знаеме дека одигравме многу добар натпревар во Скопје, но играме против шампионот на Германија. Бундес-лигата е најдобра и знаеме колку ќе биде тешко. Минатата година одигравме добро на гостувањето кај Рајн Некар. Имавме една недела за да се подготвиме за реваншот. Тие имаа натпревар пред 3 дена во Бундес-лигата и немаа толку време за да се подготват специјално за нас. Разликата ја прават голманите, но ќе видиме како ќе биде сега. Арпад Штербик е во одлична форма, но ќе треба да продолжи во таков стил и на овој меч“, вели Жоак Кањељас, бекот на „црвено-црните".

Ако нешто е позитивно во жешката „САП арена“, тоа отсуството на притисок. Вардар го заврши своето и сега „Лавовите“ треба да го одбранат својот терен. А не беше така лани, кога црвено-црните триумфираа со 33-27, ниту пак во 2015, кога славеа со 33-28.

„Мислам дека немаме толку притисок. Повеќе притисок имавме кога го игравме мечот пред една недела бидејќи мораше да победиме дома. Освоивме два бода дома против Рајн Некар, па доколку успееме да освоиме бод или два на ова гостување ќе биде одлично бидејќи така ќе го зацврстиме првото место во групата. Сепак, тешко е кога се игра во Германија. Имаме шанса против секоја екипа и мислам дека сме подготвени за овој натпревар за да се надигруваме и за да победиме, но знам дека ќе биде многу тешко“, додава Кањељас.

Раул направи две замени во однос на мечот од минатиот викенд. Во тимот се врати Лука Циндриќ, а шанса доби младиот голман Даниел Ѓорѓески. Отпаднаа Владо Недановски и Хорхе Македа, а Рожерио Мораес уште е повреден.