Исланд покажа заби, но Данска е пресилна и се пласира во финале!

Данска со 31-28 го победи Исланд во полуфиналето и за големиот пехар на Европското ракометно првенство ќе се бори против Германија која претходно беше подобра од Хрватска.

Исланд водеше во голем дел од првото полувреме, но на одморот Данска замина со предност од 14-13.

Исланѓаните одлично го почнаа и вториот дел, неколкупати имаа предност, но кога требаше да се решава мечот Данска го крена нивото и ги презема работите во свои раце. Домаќините ја вратија предноста, неколкупати водеа и со четири разлика и во мирна завршница ја заверија победата од 31-28.

Гидсел со седум голови беше најефикасен во селекцијата на Данска, Смарасон даде девет погодоци за Исланд.

Во финалето Данска ќе игра против Германија која со идентични 31-28 беше подобра од Хрватска.