Грчката федерација го брани АЕК: Во Скопје беа прекршени правилата на ЕХФ

Два дена по неодиграниот реванш натпревар од ЕХФ Европскиот куп, меѓу Алкалоид и АЕК, се огласи Ракометната федерација на Грција која се обиде да го одбрани својот клуб.

Како што е познато, АЕК не сакаше да го одигра натпреварот затоа што не го доби потребниот број билети за своите навивачи за натпреварот во Скопје. Своето решение го донесе непосредно пред планираниот почеток, а ЕХФ се уште не донела одлука како ќе биде регистриран овој меч и дали, евентуално, ќе се преигра. Во очекување на информација оттаму, претседателот на Грчката ракометна федерација, Константинот Стаматис упати писмо до својот колега од ЕХФ во кое го обвини Алкалоид дека ги прекршил правилата.

„Господине претседателе, Ви го испраќаме ова писмо во врска со вториот финален натпревар на Европскиот куп на ЕХФ помеѓу екипите Алкалоид-АЕК.

За овие специфични натпревари, најважно прашање е зошто условите за нивно одржување не беа утврдени пред почетокот на финалето, бидејќи ги знаевме и капацитетот на арените и соодветните упатства на Европската федерација за безбедноста и бројот на билети на кои секој тим имаше право. Доколку кој било тим се соочи со каков било безбедносен проблем или друг проблем, тоа требаше да се разговара и да се договори пред првиот натпревар од финалето.

АЕК, од своја страна, организираше одличен прв натпревар на стадион со капацитет од 8.500 седишта и не се соочи со никакви проблеми ниту со безбедноста ниту со гостопримството на тимот на Алкалоид и неговите навивачи.

На 22 мај добивме ажурирање од вас за безбедносните проблеми што се случија во Македонија и со право се поставуваат следниве едноставни прашања:
- Зошто министер одговорен за безбедноста на една земја открива безбедносен проблем по првиот натпревар и само неколку дена пред вториот?
- Зошто властите на една држава не можат да обезбедат присуство на 650 навивачи во арена со 7.000 седишта и нивен пристап од границите на земјата до стадионот?
- Зошто АЕК беше притиснат, пред неколку дена, да го игра второто финале во овие услови?
- Зошто, на состаноците одржани меѓу претставниците на двата тима и безбедносните органи на Македонија и Европската федерација не беше предложено, од причини за еднаквост, финалето да се одржи со соодветно намалување на бројот на навивачите за двата тима (т.е. 200 билети за АЕК - 2000 билети за Алкалоид)?

Ве потсетуваме дека ова е вторпат АЕК да има таков третман на гостување (претходниот беше против Партизан), додека напротив, натпреварите во Грција се одржуваат на најбезбеден начин. И конечно, нека нè информираат властите на Македонија, кои се овие вонредни безбедносни причини, неколку дена пред натпреварот, што предизвикаа забрана за грчки навивачи во земјата.

АЕК во овој случај целосно ги спроведе прописите во првиот натпревар, без никакви проблеми и требаше да добие ист третман на реваншот, без оглед на резултатот. Верувајќи во вашата проценка и во рамките на фер-плејот, чија филозофија се роди во нашата земја и се прошири низ целиот свет, како основен концепт на олимпизмот, очекуваме редефинирање на натпреварот, со присуство на навивачи на двата тима, како што произлегува од прописите на ЕХФ, кои беа прекршени во вториот натпревар, без доволно оправдување“, напиша Стаматис.

Претходно на оваа тема се огласи и Ракометната федерација на Македонија која го осуди потегот на АЕК и побара „праведна одлука“ од ЕХФ.