Европски ракомет следната сезона ќе се игра и во - фудбалски Чаир!

Населбата која со годинини наназад важела за фудбалска, која има прославено три титули во ПМФЛ и од која никнале многу големи фудбалски имиња, меѓу кои последен е Елиф Елмас од следната сезона ќе го има и епитетот - ракометна.

Екипата на Чаир ќе биде еден од трите македонски претставници во женските конкуренции на Европската ракометна федерација (ЕХФ). Иако беше дебитант во Женската лига на Македонија и заврши на петтото место во моментот кога таа беше прекината поради коронавирусот, Чаир покажа интерес и се избори за пласман во новоформираната Европска лига.

„Среќни сме што ја добиваме оваа можност. Останати се само уште неколку административни пречки. Откако сезоната беше поништена, знаевме дека голема е веројатноста дека ќе се земат за важечки резултатите од минатата сезона, кога е во прашање пласманот во Европа. Ние не бевме во таа конкуренција лани и тоа не болеше малку и почнавме да губиме надеж, иако нашиот состав е вреден за второ-трето место во лигата. Сепак, среќата ни се насмевна, бидејќи како што знаете, Металург го откажа настапот во ЛШ, а во друго натпреварување немаат право да играат. Вардар секако нема да игра, затоа ние ќе ја претставуваме земјата во европските натпревари“, вели за Инфоспорт тренерот Басри Латифи.

Металург не ја искористи шансата да игра во ЛШ, а Вардар, кој се занимаваше со егзистенционални прашања не се ни пријави за играње, така што се чека официјализација од РФМ дека Чаир и Пелистер ќе ја претставуваат Македонија во Европската лига, а Куманово во Лигата на шампионите.