Дибиров: Победивме, а не ни одеше најдобро - тоа го можат само најголемите!

Тимур Дибиров беше еден од поважните ракометари на Вардар во победата над Нант (27-23), бидејќи спроведе неколку важни контранапади во клучни периоди од мечот, а еднаш изнуди и седмерец. За него ова е вредна победа, со оглед на начинот на кој е изборена.

Дибиров смета дека ова не е најдоброто од Вардар и дека е важно што дури и со ваква претстава успеаја да победат.

„Денеска видовме малку нервоза на теренот, бидејќи играа две екипи кои уште немаат пораз оваа сезона. Имам само пофални зборови за Нант. Сакам да кажам една работа, добро е кога победуваш, а не си играл како што треба или нешто не функционирало како што треба. Така победуваат само големи екипи. Нант е екипа која не се предава. Штом победуваш кога не ти оди најдобро, тоа значи дека имаш ресурси да извлечеш максимум и во такви моменти. А кога играме најдобро, тогаш знаеме дека можеме многу. Меѓутоа, знам колку квалитетна екипа Нант, дека може да отиде чекор понапред и да ја изненади цела Европа“, ги кажа своите впечатоци Дибиров.

Во следното коло, македонскиот и европскиот првак ќе може да покаже што прави кога му оди најдобро, повторно на домашен терен, против Загреб, на 1 октомври.