Червар: Ни недостигаше искуство во пресудните моменти

Кормиларот на македонскиот вицешампион Металург, Лино Червар изјави дека поразот од Бешикташ вечерва во второто коло во Лигата на шампионите се должи исклучиво на неискуството на неговиот тим во клучните моменти.

Червар го пофали голманот на Турците како најдобар поединец, а деконцентрацијата и неискуството да се искористат шансите во клучните моменти пресудиле за вториот пораз.

„Честитки до Бешикташ за заслужената победа. Удел во триумфот имаше квалитетната игра, меѓутоа одлучи и искуството. Нашиот голман во првиот дел не одбрани шут, додека кај нив голманот беше најдобар. Се истрошивме, но дојдовме до 14-14. Во вториот дел ни недостасуваше искуство, бевме деконцентрирани, имаше некоја емоција која беше посилна од нас. Во пресудните моменти одлучи деконцентрацијата и искуството. За првото полувреме можам да им честитам, но во вториот дел изгоревме во желбата, примавме лесни голови и многу се мачевме. Кога се кршеше резултатот, не знаевме да ги искористиме нашите шанси. Но, тоа е тоа, без девет играчи од лани, со нов тим, може да играме и подобро“; рече Червар.

Халил Јагањац по мечот истакна дека тој и соиграчите се загубиле во вториот дел и дека сето тоа Бешикташ знаел да го казни.

„Би сакал да им честитам на ракометарите на Бешикташ. Пораз за нас, во тежок меч во мој имавме добри делови од мечот, но во вториот дел се загубивме, претпоставувам од недостаток на искуство. Се истрошивме во нападите, направивме технички грешки. Екипата на Бешикташ сето тоа го казни и заслужено победи. Нам ни останува да работиме и да се одрекуваме од многу работи за напредуваме“, рече Јагањац.