Червар: Колективна игра е клучот за успех против Бешикташ

Металург ќе се обиде да се врати на победничките патеки против Бешикташ во Лигата на шампионите, по двата порази по ред од Монпелје на гости во елитното натпреварување и оној вчерашниот кај Војводина во СЕХА-лигата.

Овие два порази му дале појасна слика на тренерот Лино Червар за она што треба тимот да го поправи во иднина и се надева дека токму против турскиот тим недостатоците ќе бидат отстранети. Тој верува дека тимската игра во одбрана е клуот на успехот.

„По двата порази по ред видовме многу работи кои треба да ги поправиме. Ова е важен меч за нас, играме прво со Бешикташ, а потоа следи дуел со Спортинг. Не чекаат тешки наптревари, мора да бидеме пофокусирани. Монпелје ни даде слика каде сме во дефицит и што треба да поправиме. Мора да играме подобра одбрана и колективна игра. Бешикташ има истакнати играчи, од пивот до бекови, тука е и Немања Прибак, како и Крстанчиќ. Ако ги исправиме недостатоците кои ги видов, со помош на публиката и добрата атмосфера, може да се надеваме на победа. В недела очекувам добра партија и да стартуваме на домашен терен со победа во Лигата на шампионите“, вели Червар.

Металург вчера против Војводина не одигра на нивото од претходните натпревари, па Хрватот предупредува дека ваквите грешки и нереалзирани зицери во Лигата на шампиони се недозволиви.

„Како млада екипа мора да знаеме дека во ЛШ и во посериозните мечеви, ако не се искористат зицерите и пеналите, тогаш е многу тешко било кого да победите. Мора да имаме самодоверба и агресивна одбрана, ако сакаме повеќе. Немавме константна одбрана и континуитет во играта. Менуваме одбрана, играме 5-1, па 6-0, некогаш и длабока 5-1. Менуваме ритам, тоа е добро, но мора да фатиме еден континуитет. Што се однесува до нападот, ни недостасува тимската и колективната игра. Металург мора да ужива во тимски дух и секој секому да помага како пријател. Затоа што, само пријателите помагаат кога е тешко еден на друг. Има простор и за поправка во транзицијата. Нашите додавања мора да бидаат брзи и долги, за да освоиме противнички простор. Како млада екипа имаме доста можности за напредок, но се се врти околу две работи - квалитетната одбрана, која може да ни донесе брзи голови. Немаме време за плачење, мора да играме. Оваа екипа може и да направи чекор напред оваа сезона, без разлика на резултатите“, заврши тренерот на Металург.