Цела Европа ќе „пука“ кон шампионот: Вардар ја почнува одбраната на круната!

Европскиот првак ќе ја почне сезоната вечерва, во Плоцк, против Висла (денеска во 19 часот), која е добро познат противник. Тоа е тимот преку кој Вардар минуваше во две од последните три осминафиналиња, но сега првпат ќе игра за бодови.

Впрочем, целата екипа мора да го врати својот ментален склоп назад од елиминациските возбудувања пролетва и да се потсети дека сега секој натпревар е важен. Не е пожелно Вардар да си дозволи пораз од 26-32 или реми со 30-30 како што завршија досегашните две посети на Плоцк. Тогаш можеше да се надомести со реваншот во Скопје, а сега никој нема да му ги врати бодовите кои очајно ќе бидат потребни во трката за првото место во групата А.

Покрај Висла на место во осминафиналето нишанат и останатите шест противници, Барселона, Рајн-Некар, Загреб, Нант, Пик Сегед и Кристијанштад, а некои од нив, како германскиот и шпанскиот шампион ќе му бидат директни конкуренти за првото место. Видовме како тоа му годеше на Вардар минатата сезона, кога одморен ја дочека директно четвртфиналната фаза, затоа Раул и овојпат го постави како цел во групата.

Висла ќе покаже до каде дојде Вардар во „билдањето“ на формата која не изгледаше импресивна на крајот на август, кога загуби од Барселона во полуфиналето на Супер глоуб. Меѓутоа, последните „тестови“ во СЕХА-лигата, покажаа дека „Ел Команданте“ полека ја наоѓа формулата и Вардар личи на оној стариот.

Даинис Криштопанс се вклопува во составот, а тој, пак, се привикнува да игра без Алекс Душебаев. Поединци ќе прават разлика и кај Висла, која се засили со добро познатиот Немања Обрадовиќ. Тој ќе биде една од замените на плејмејкерот Дмитри Житников, кој имаше силен печат во екипата во минатата сезона, а прашање е како Вихари и Моравски ќе го потплнат отстуството на шпанскиот голман Родриго Коралес, кој беше еден од клучните играчи во претходните соочувања меѓу Висла и Вардар.