Ангеловски: Повторно сме дел од европскиот крем, ЕХФ ја препозна нашата сериозност!

Тренерот на Пелистер, Бранислав Ангеловски вети дека битолскиот тим ќе се обиде да дојде до подобри резултати во Лигата на шампионите во наредната сезона.

Пелистер имаше 14 порази од исто толку натпревари лани, па се чинеше дека нема да добијат место во Лигата на шампионите, сепак македонскиот шампион доби вајлд-карта и ќе игра во елитното натпреварување.

Ангеловски по денешната ждрепка, го изрази задоволството од фактот што повторно ќе играат во ЛШ и вети подобри резултати.

„Повторно сме во кремот на европскиот и светскиот ракомет и повторно звездата ќе свети во Битола и во Македонија. Иако шампионот на Македонија беше под линијата која гарантира директно учество во Лигата на шампионите, ЕХФ ја препозна нашата клупска сериозност. Благодарение на нашата целокупна организација на натпревари од највисок ранг, на нашата прекоректна публика, заедно со нашите верни навивачи „Чкембари", кои секогаш несебично не бодреа до последна секунда и на крај искрено ја честитаа победата на гостите, сосема заслужено ни ја додели „вајлд-картата“ за повторно учество. Ова е само една одговорност повеќе за сите нас да покажеме уште повисоко ниво во сите сегменти од нашиот спорт, вклучувајќи ги и резултатите.
Ова е еден огромен чекор напред и со играњето во Лигата на шампионите на македонскиот шампион, успеавме да го задржиме континуираното играње на македонскиот шампион во најдоброто натореварување“, рече Ангеловски.