Алушовски: Мешков е сериозен ривал, но очекувам цврста и машка борба!

Вардар утре ќе го пречека Мешков Брест во последниот натпревар од групната фаза во ракометната Лига на шампиони и ќе се обидат со триумф да стигнат до шестата позиција во групата.

Тренерот Стевче Алушовски верува во победа против Мешков Брест и најави цврста борба на теренот.

„За нас ова е последен меч во групната фаза од Лигата на шампиони сезонава. Важен натпревар за нас, и ако се биде според најавите би требало да бидеме на шестото место на табелата и најверојатно ќе играме со Кил. За нас е најважно што треба да ја подигаме формата, да се докажуваме секој натпревар. На последното гостување во Украина не бевме на нивото на кое треба да сме. Можеби од објективни причини, бевме без неколкумина, но немаме оправдување. Очекувам во четврток машка и цврста борба што ќе ни даде поголеми шанси. Мешков сезонава го победи ПСЖ, играше нерешено и со Фленсбург. Таму Сташ Скубе е лидер на екипата. Имаат 16 играчи на секоја позиција. Сериозен противник против кого треба сериозно да пристапиме. Оваа сезона ова 6. место би било заслужено, имавме неколку несреќно загубени натпревари и кога ќе ја сумираме групната фаза треба да бидеме задоволни и да се подготвиме за осминафиналето“, кажа Алушовски.